Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) поднесе до кантоналното Обвинителство во Цирих кривична пријава против својот поранешен претседател Сеп Блатер поради „криминални активности“ поврзани со музејот на ФИФА.
ФИФА денеска соопшти оти се сомнева во „криминално и лошо управување од страна на поранешниот менаџмент на ФИФА и компанијата избрана да работи на музејот“ лоциран во реновирана и изнајмена зграда во центарот на Цирих.
Музејот на ФИФА беше отворен во 2016 година и се смета за личен проект на Блатер.
ФИФА во тужбата наведува дека администрацијата на Блатер за музејот потрошила износ од 500 милиони швајцарски франци (564.59 милиони долари), иако претходната администрација на ФИФА вложила 140 милиони швајцарски франци во реновирање на зградата.
Блатер ја обврзал ФИФА на договор за закуп со сопственикот на зградата, осигурителната компанија Свис Лајф, која бара да бидат исплатени 360 милиони долари до 2045 година, по пазарна цена.
„Станува збор за половина милијарда швајцарски франци што требаше и мораше да бидат насочени во развој на светскиот фудбал“, соопшти ФИФА.
Против Блатер веќе се водат две кривични постапки во Швајцарија за финансиски малверзации додека беше на чело на ФИФА.
Швајцарските обвинители, меѓу другото, ја истражуваат исплатата на два милиони долари на сметка на поранешниот претседател на УЕФА Мишел Платини во 2011 година, како и исплатата на еден милион долари на адреса на Фудбалската федерација на Тринидад и Тобаго.