Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк, во својата постојана колекција го смести оригиналниот „чинквеченто“, по повод 60-от роденден на овој легендарен автомобил на компанијата „ФИАТ“.
Првиот „ФИАТ 500“ е значаен од повеќе аспекти. На почетокот, тој беше модел што во повоениот период на голем број Италијанци им овозможи инивидуална мобилност во време кога земјата се опоравуваше од војната.
За неговиот производител, компанијата „ФИАТ“ моделот „500“ претставува првиот позначаен комерцијален успех, затоа што автомобилот доживеа голема популарност во текот на речиси двете децении, колку што се произведуваше.
На крајот, но не и најмалку важно, на оние кои индустрискиот дизајн и обликувањето на производите им е занимање, но и за љубителите на класичните автомобили, „чинквеченто“ е и уметничко дело.
Со своја одлука тоа го потврдија и кустосите од музејот „МоМА“ во Њујорк, кога „ФИАТ 500“ го вклучија во колекцијата на модерната уметност.
Примерокот што е изложен во музејот е „ФИАТ 500Ф“, што се произведуваше во периодот од 1965 до 1972 година.
Обоен е во карактеристичната сребрена боја и има платнен отворен покрив.
„Чинквеченто“ не е прв автомобил што пристигна во познатиот музеј во Њујорк. Пред него признанието дека стануза збор за дело на современата уметност добија и „Cisitalia 202 GT“ од 1946 година, „Willys-Overland Jeep“ од 1952 година, „буба-та“ на „Фолксваген“ од 1959 година, „Jaquar E-Type Roadster“ од 1963 година , „Ferrari 641/2 гранд при“ од 1990 година и „ Smart“ од 1998 година.