Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) реагираше по повод поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција за наводно даночно затајување.
„Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) веќе подолг период подлежи на координирани инспекциски надзори и контроли од страна на државните органи и институции. По однос на наводите од порталите за наводно даночно затајување во износ од 1.680.912,оо денари, најодговорно тврдиме дека Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) секогаш работела и ќе работи согласно Законот за сметководство на непрофитните организации. Овој заклучок го темелиме и од тоа што во изминатиот период, финансиското работење на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) доби позитивни извештаи и од Управата за јавни приходи и од независните ревизори“, се вели во реакцијата на ФФМ.
Во однос на АД Тобако Скопје, од Куќата на фудбалот велат дека по однос на обврските на АД Тобако Скопје кон ФФМ е инициран судски спор чиј исход е позитивно потврден во корист на Фудбалската федерација на Македонија и истиот е даден на наплата до надлежен извршител.
„По отворањето на стечајната постапка за АД Тобако Скопје, долгот е навремено предјавен и истиот е позитивно утврден и признат од страна на стечаен управник и стечаен судија во соодветна постапка, со што, ова побарување на Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) е признато и утврдено во стечај. Од оваа стечајна постапка, покрај ФФМ ненамирени останаа и многу други државни органи, јавни претпријатија и други правни субјекти“, соопштуваат од Федерацијата.
Во прилог на ова тврдење тие се повикуваат на Законот за добивка каде јасно е утврдено дека трошоците за исправка на вредноста на ненаплатените побарувања се признаваат како расход, доколку е донесена правосилна судска одлука, а за побарувањата од субјектите над кои е отворена постапка на стечај и на ликвидација, доколку истите се пријавени и потврдени од страна на стечајниот управник.
По однос на АД Југохром Јегуновце, од Федерацијата велат дека посочениот деловен однос е од 2010 година, по што во 2013 година договорните страни АД Југохром Јегуновце и ФФМ имаат склучено правно дело со кое се утврдува права и обврски за двете договорни страни, притоа имајќи го в предвид дотогашното исполнување (период 2010. – 2013.) на обврските од страна на двете договорни страни. По однос на вака утврдените обврски, истите се во целост исплатени кон Фудбалската Федерација на Македонија од страна на правен субјект – пристапувач кон долг.
„Обидот со сензационализам да се прикаже наводната незаконска работа на Фудбалската федерација на Македонија сметаме дека е едностран и некоректен. Ваквиот начин на комуникација не соодветствува со практиката на ФФМ и токму поради тоа немаме намера да ја оптеретуваме јавноста, уште повеќе што за сето ова сме запознаени само од интернет порталите. ФФМ официјално нема добиено никаков формален документ. Како сериозна и професионална институција подготвени сме по евенутално добивање да го потврдиме нашето законско работење пред соодветните органи“, реагираат од ФФМ.
На крајот од ФФМ споделуваат дека немаат направено даночно затајување, вклучително ниту посоченото во висина од 1.680.912,оо денари.
„Дотолку повеќе што на денешен ден, 01.03.2019 година, Фудбалската федерација на Македонија има побарување во износ од 7.492.059.оо денари од Управата за јавни приходи, односно Управата за јавни приходи се јавува како должник на Фудбалската федерација на Македонија за износ од 7.492.059.оо денари“, пишува уште во реакцијата.