Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) побара официјално од УЕФА најстрого да го казни австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ поради инцидентот што го предизвика во финишот на вчерашниот натпревар против македонскиот национален состав во Букурешт, во рамки на Европското првенство.
Арнаутовиќ со својот гол во 89. минута ја запечати победата на Австрија од 3:1, по што камерите крај теренот го снимија како, додека прославува, ако со погрдни зборови му се обраќа на македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски, додека капитенот Давид Алаба се обидуваше да го замолчи својот соиграч.
ФФМ вечерва соопшти дека „најостро го осудува националистичкиот испад“ на Арнаутовиќ, упатен кон Алиоски.
– Воедно информираме дека поднесовме официјален допис до УЕФА во кој бараме најстрога казна за австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ. Како „куќа на фудбалот“ секогаш сме против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме. Секогаш ќе застанеме и ќе ги браниме интересите и достоинството на македонските репрезентативци, каде и да настапуваат, се наведува во соопштението на ФФМ.
Од своја страна, Арнаутовиќ денеска се извини за вербалниот инцидент, порачувајќи дека „не е расист“.