Со кошот (тројка) на Никос Папас на една секунда пред крајот на натпреварот, Панатинаикос успеа да го победи европскиот првак Фенербахче со 70:68. Ова беше еден од четирите дуели одиграни синоќа од 4.коло од Евролигата.
Кошаркарите на ПАО до триумфот стигнаа откако беа подобри во вториот дел, а на полувреме губеа со осум поени (36:44). Одличната одбрана во вториот дел и примените само 24 поени го донесоа триумфот за домашните кошаркари. Папас со 24 поени беше најефикасниот играч на дуелот.
Резултати на натпреварите од 4.коло: Панатинаикос – Фенербахче 70:68, Валенсија – Уникаха 91:53, Бамберг – Басконија 78:72, Анадолу Ефес – ЦСКА 80:98, Црвена Звезда – Макаби 87:84, Жалгирис – Реал Мадрид 66:87, Олимпијакос – Химки 92:75 и Милано – Барселона 78:74.
По комплетирањето на 4.коло само две екипи имаат максимален учинок (четири победи): Реал Мадрид и Олимпијакос, додека две екипи имаат по четири порази (Басконија и Анадолу Ефес).