Дисциплинската комисија при кошаркарската Евролига им изрече парични казни на Алба од Берлин – 40 илјади евра и на Галатасарај од Истанбул – 30 илјади евра и натпревар без публика, поради инцидентот на неодамнешниот меѓусебен дуел одигран на теренот на германскиот претставник.
Казната на Алба се објаснува со лоша организација и доцнење на почетокот на средбата еден час, додека Галатасарај е санкциониран поради судирот на неговите навивачи со обезбедувањето и со домашната публика.
Галатасарај освен оваа казна која се однесуваше на натпреварот од 11.коло во ТОП 16 фазата, и претходно беше санкциониран. Поради убиството на навивач на Црвена звезда пред натпреварот во Истанбул, турскиот тим доби три средби без публика на домашен терен и 100 илјади евра парична казна.