Ракометарите на Еурофарм Работник се пласираа во финалето на Купот на Македонија откако попладнево во рамките на првото полуфинале во Битола го совладаа Охрид со 26:18 (15:7). Ова е првпат оваа битолска екипа да се пласира на завршниот натпревар од ова натпреварување.
До 20-та минута дуелот беше изедначен и Еурофарм Работник водеше со 7:6, а потоа оваа екипа направи серија од 7:0 што се покажа како решавачка за конечната победа.
Најдобар играч на полуфиналето беше голманот на победничката екипа Градимир Чаневски, кој имаше 17 одбрани, додека Горан Крстевски (Еурофарм Работник) беше најефикасниот играч со 7 голови.
Во второто полуфинале од 20:30 часот играат Вардар и Металург, а победникот од овој дуел против Еурофарм Работник ќе игра утре во финалето од 16:30 часот.
Трофејот во Купот на Македонија го брани Вардар.