Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го осуди ставот во оваа земја кон фудбалерите родени во Турција, на крајот од својата посета на Германија.
На церемонијата на отворање нова џамија во Келн тој повика на „заеднички став против тој расистички тренд“.
Ердоган го критикуваше поконкретно односот кон германските фудбалски репрезентативци Месут Озил и Илкај Гундоган.
Озил ја напушти германската репрезентација поради големите критики кон него, упатени по елиминацијата на Германија од СП 2018.
– Тие го нападнаа нашиот Месут Озил, нашиот Илкај кои се родени и одгледани во Германија, едноставно затоа што се фотографирав со нив. Како претседател, јас не можам да го проголтам фактот дека (Озил) беше оттуѓен. Ние би сакале да видиме заеднички став против оние, кои го поддржуваат овој расистички тренд, рече Ердоган.
Фотографии на турскиот претседател со двајцата фудбалери пред Светското првенство во фудбал во текот на летото предизвикаа остри реакции во Германија во позадината на влошените билатерални односи и апсењето на германски државјани во Турција. Потоа на шампионатот во Русија германскиот национален тим, дотогаш светски шампион, регистрира најголем неуспех на Мундијалите.
Илјадници полицајци ја обезбедија областа околу новиот исламски храм. Полицијата го забрани митингот на приврзаници на Ердоган пред џамијата во Келн од безбедносни причини.
Стотици противници на турскиот претседател демонстрираа во друга област на германскиот град.