Тренерот на Арсенал, Унаи Емери не сакаше да коментира за иднината на Велшанецот Арон Ремзи во тимот, додавајќи дека одлуката за тоа дали ќе остане или ќе замине ќе биде целосно на играчот од средниот ред.
Претходно во октомври, Ремзи изјави дека нема намера да го напушти клубот во јануари и покрај неуспешните разговори за неговиот нов договор со „топџиите“. Тековниот договор на репрезентативецот на Велс со Арсенал истекува во летото 2019 година. Сепак, иднината на играчот останува нејасна.
– За мене јануари е многу далеку, мислам само за натпреварот со Лестер в понеделник. Сакам сите играчи да се добро ментално, а мотивацијата да биде само за победа, изјави шпанскиот тренер.
Во однос на настапот на Ремзи, Баскиецот изјави дека од него очекува да игра како на секој друг.
– Во последниот натпревар тој започна од клупата и играше само 25 минути, но се справи добро и го очекувам истото и в понеделник, додаде Емери.
Арсенал е во серија од девет последователни победи на сите турнири. Во Премиер Лигата е четврти со 18 поени. Во следното деветто коло, тимот на „Емирати“ го пречекува Лестер.