„Опел“ соопшти нови детали за својот електричен модел „Ампера-е“.
Производителот потврди дека електромоторот на „Ампера“ развива 204 коњски сили (150 киловати) додека од старт на располагање има 360 Њутн метри вртлив момент.
Моторот се напојува со електрична енергија од литиум-јонски батерии со капацитет од 60 киловат часови, кои се сместени во подот на возилото. Ако се дополнуваат со брзи јавни полначи од 50 киловати, веќе по 30 минути се целосно полни, така возачот може да помине уште 150 километри пат.
Кога станува збор за максималниот радиус на движење на возилото, „Опел“ објави две официјални проценки.
Пооптимистичката проценка покажува дека „Ампера“ е во состојба со полни батерии да помине дури 520 кулометри. Втората, според некои познавачи пореална проценка, е дека автомобилот може најмногу да мине 380 километри пред да остане без електрична енергија.
Што се однесува до перформансите, „Опел“ тврди дека „Ампера“ од 0 до 50 километри на час забрзува за 3,2 секунди, а од 0 до 100 километри на час за 7,3 секудни. Максималната брзина е лимитирана на 150 километри на час, за да се штеди енергија.
„Опел“ веќе почна да прима порачки од некои европски пазари кои се наклонети на електричните автомобили, па така во Норвешка „Ампера“ веќе има 3.400 купувачи. Автомобилот ќе се продава и во Германија, Холандија, Франција и Швајцарија.