Кошаркарот на Далас, словенечкиот ас Лука Дончиќ, изјави дека во ниту еден момент не размислувал да го пропушти остатокот од НБА сезоната во Орландо, по долгата пауза поради пандемијата.
– Никогаш не се двоумев, навистина ми недостасува кошарката, па сакам да играм. Нема сомнение за тоа, секогаш сакам да играм кошарка, рече Дончиќ, кој ја даде својата прва изјава во медиумите по неколку месеци.
И покрај тоа што неколку играчи во НБА донесоа одлука да не учествуваат во продолжението на сезоната, лигата нема да примени никакви санкции против кошаркарите кои од какви било причини не сакаат да ја доиграат сезоната, која ќе продолжи на 31 јули.
Дончиќ додаде дека ќе му биде чудно да игра без публика во скратениот остаток од сезоната.
– Искрено, не знам затоа што никогаш не сум бил во таква ситуација. Ќе биде многу лошо, тоа е сигурно. Уживам во присуството на фановите во салата. Не знам какво ќе биде чувството, ама сигурно ќе биде чудно, изјави ѕвездата на Далас.