Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска оствари средба со познатиот НБА тренер Ренди Фанд, кој се наоѓа во посета на Македонија. На средбата се разговараше за идните насоки на дејствување во развојот на македонската кошарка.
Ова е трето доаѓање на американскиот стратег во нашата земја.
– Во трите досегашни посети на Македонија и средбите што ги остварив со одговорните за спортот и за кошарката имам впечаток дека добро се работи со младите и оти се повеќе луѓе се инволвирани во спортот. Се гледа дека целокупното општество е насочено кон спортот, особено кон кошарката, благодарение на последните успешни игри на македонската кошаркарска репрезентација на ЕП во 2011 година, изјави Фанд.
Американскиот стручњак додаде дека целта на посетата на Македонија е отворањето на кошаркарска академија која ќе функционира по системот во НБА за младинските категории. Директорот Спасески се заблагодари за целокупната поддршка што Ренди Фанд ја посветува на развојот на кошарката во Македонија и додаде дека секое негово присуство во државата е проследено со особено внимание кај спортската јавност, особено кај кошаркарските стратези.
Гостинот од Америка беше придружуван од поранешниот македонски репрезентативец Ѓорѓе Војновиќ.
Ренди Фанд е поранешен асистент тренер на Пет Рајли и Мајк Данливи во Лос Анџелес Лејкерс (1986-1988), кога успеа да го освои и шампионскиот прстен во НБА лигата. Во 1992 година станува главен тренер на ЛА Лејкерс, каде остана уште две сезони пред да биде наследен од Меџик Џонсон. Во својата богата кариера беше и генерален менаџер на Мајами Хит се до септември 2008 година.