Шефот на марката Бентли, Волфганг Дирхајмер, изјави дека таа авто-компанија може да го пресели своето производство од Велика Британија по Брегзитот, ако тоа е непходно. Бентли, еден од симболите на британската автомобилска индустрија, кој моментално е во сопственост на групата Фолксваген, веќе долго ги произведува своите модели во погонот Кру во Англија, но таа традиција наскоро може да престане.
Дирхајмер изјави дека Бентли по одлуката на Британците за напуштање на Европската унија, обави важни разговори со властите за останување на компанијата на домашен терен. „Пред нас се 9 до 12 месеци во чиј тек ќе видиме како ќе се одвиваат работите на тој план и потоа ќе донесеме клучна одлука за компанијата, бидејќи мораме да мислиме за развојот на идниот модел” – објаснил Дирхајмер.
„Со тоа купивме малку време, како и британските власти, но потоа ќе мораме да ја разјасниме состојбата во врска со идното производство”.
Бентли, како и многу други производители на автомобили чии погони се во Велика Британија, е загрижен поради можни трговски пречки кои би можеле да се воспостават кон таа земја по завршувањето на постапката на Брегзитот. Поради тоа во компанијата разгледуваат производството по потреба да го преселат од островот во некоја друга држава.
„Бентли има британски идентитет по кој е познат во светот, но ако треба да бираме меѓу тоа воопшто да не произведуваме автомобили или да ги произведуваме надвор од Британија, ќе го избереме второто” – заклучи Волфганг Дирхајмер.