Според неофицијални информации „БМВ“ донесе позитивна одлука за производство на верзијата „М“ од моделот Серија два Купе, што до првите купувачи може да стигне кон крајот на 2015 година.
„БМВ 1М Купе“ го чека својот наследник уште од јуни 2012 годна кога беше завршено производството на овој автомобил. Очекувањата и надежите на вљубениците во спортските автомобили „БМВ“ донекаде ги исполни моделот „М235и“. Сепак, најголемите фанови и натаму веруваат дека Серија два не е целосна без соодветната „М“ верзија.
На специјализираниот форум „Addicts“ на сајтот „Bimmer Post“, што ги собира љубителите на „БМВ Серија 2“, објавена е веста дека челниците на баварскиот производител дале „зелено светло“ за моделот „М2“. Истиот извор наведува дека автомобилот погон ќе добива од шестцилиндричен 3.0-литарски Твин Пауер турбо-бензинец што ќе произведува меѓу 370 и 380 кс. Тоа е 50-тина „коњи“ повеќе во однос на силата што овој мотор ја испорачуваше во „БМВ М235и“ и 30-40 кс повеќе во споредба со моделот „1М Купе“ што развиваше 340 кс.
Се очекува дека германската компанија нема да го ограничува производството на моделот „М2“, како што тоа беше случајот со претходникот, „БМВ 1М Купе“, што неше изработен во малку над 6.300 примероци.
„БМВ М2“ најверојатно ќе се најде во продажните салони кон крајот на 2015 или најдоцна до почетокот на 2016 година.