За помалку од пет години на пазарот, актуелниот Леон стана најпродавана генерација на еден компактен модел во историјата на шпанскиот производител, со 682.567 испорачани возила.
Кога ќе се соберат и резултатите од претходните две генерации, Сеат Леон може да се пофали со продажба од 1.893.279 возила, од 1999 година кога овој модел првпат се појави на пазарот.
Актуелната трета генерација најдобро се продава на домашниот, шпанскиот пазар, потоа во Германија и во Велика Британија.
Околу 31 отсто купувачи на Леон ја бираат варијантата караван СТ која посебно добро котира во флотната продажба која порасна за дури 90 отсто од 2012 година, откако на пазарот се појави третата генерација.
Леон, заедно со моделите Ибица и Атека се најзаслужни за раст на вкупната продажба на возилата на Сеат од 13 отсто во досегашниот дел од 2017 година, во однос на истиот период во 2016 година.
Освен во караван варијантата, Сеат Леон е достапен и во хечбек верзии со три и пет врати.