Вајклиф Кипкори Бивот од Кенија во машка конкуренција и Каролин Кипруто кај дамите, се победници на скопскиот маратон, со нови рекордни времиња на седмото возобновено издание.
Бивот, делницата од 42 километри и 195 метри ја истрча за 2 часа, 21 минута и 56 секунди, што е подобро за речиси две минути од стариот рекорд, а Кипруто беше прва во женска конкуренција, со време од 2:48,49, што истотака е најбрзо во историјата на оваа манифестација кај нас.
Победниците добија награда од 1.700 евра, плус бонус за рекордите од по 300 евра.
Кенијците Кипроти и Вамбугу кај мажите, со освоеното второ и трето место и Кимутаи кај дамите, со пласман зад победничката ја надополнија доминацијата на африканските маратонци.
Единствено Романката Митулеаса, успеа да се најде на победничкиот подиум, од „остатокот“ од светот, а таа ја заврши трката како третопласирана.