Општина Битола викендот ќе биде домаќин и организатор на промотивен настан поддржан од ФИФА и Фудбалската федерација на Македонија, кој е дел од кампањата на ФИФА со наслов „Live Your Goals“.
На отворањето најавено е дека ќе се обратат генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски и претставник од општина Битола, а учесници на настанот ќе бидат учениците од училишните спортски клубови на кои ќе им биде доделена спортска опрема.
– „Live Your Goals“ кампањата на ФИФА за развој на женскиот фудбал е означена како една од најпрепознатливите иницијативи на Светската фудбалска организација за развој на женскиот фудбал. Преку оваа кампања се зголемува популарноста на женскиот фудбал на локално, национално и глобално ниво. На тој начин и возбудата за најпопуларната игра во светот е многу поголема. Девојчињата и младите жени добиваат инспирација да се вклучат во фудбалот и да покажат дека можат да ги остварат своте цели преку фудбалската игра, изјави Цветанка Ристевска, советник за односи со јавност во општина Битола.
Со реализација на оваа кампања се очекува девојките и младите жени во Македонија почесто да играат фудбал и да придонесат во развојот на фудбалот за жени, кој е еден од приритетите на ФИФА и ФФМ.
– Женскиот фудбал го подобрува статусот во општеството и претставува начин за соочување и справување со еден од основните проблеми во светот, а тоа е половата дискриминација. Жените фудбалерки претставуваат модел за упорност, дисциплина, тимска работа, почитување, фер игра и фудбалска техника, но и пример за здрав начин на живот и учество во спортот како рекреативци но и професионалци, нагласи Ристевска.