Децата на возраст од 6 до 14 години ќе можат бесплатно да ги учат техниките по уметничко лизгање на бесплатната школа во периодот од 23 февруари до 22 март на лизгалиштето во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Активностите ќе се реализираат под раководство на професионалниот тренер по уметничко лизгање Ксенија Јашташењски Симиќ.
Родителите можат да ги пријават своите деца за учество во школата со испраќање мејл на електронската адреса: [email protected]. Пријавувањето почнува денеска и ќе трае до петок.
Мејлот треба да содржи име и презиме на детето – учесник, возраст, број на лизгалки, висина, тежина, и контакт-телефон. Доколку некоја од овие информации не биде вклучена во мејлот, кандидатот нема да биде земен предвид.
Селекцијата на пријавените учесници ќе ја врши стручен тим што ќе избере 35 деца кои ќе имаат можност два пати неделно да ја посетуваат школата. На избраните учесници ќе им обезбеди бесплатни термини за уметничко лизгање во траење од еден месец, брендирана опрема и лизгалки.
Часовите во рамките на школата се оомислени да ги воведат децата во основите на уметничкото лизгање и да ги поттикнат нивните природни способности и афинитети што можеби понатаму ќе се развиваат и професионално. Сите деца што успешно ќе ја завршат школата ќе добијат сертификати за учество кои ќе им бидат доделени на завршната претстава.
Бесплатната школа за уметничко лизгање е организирана во рамките на корпоративната платформа за општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“, чија цел е поддржување и афирмирање на образованието, културата и на уметноста.