„Ауди“ најави дека до 2020 година на пазарот ќе промовира три електрични автомобили, а првиот од нив треба да биде готов идната година.
Големиот електричен СУВ, кој треба да се појави идната година „Ауди“ засега го нарекува само „е-трон”, а според претседателот на Управата на компанијата, Руперт Стадлер, електричниот автомобил со погон преку двете осовини со секојдневната употреба и автономија која изнесува околу 500 километри, ќе претставува пресврт во германската автомобилска компанија.
По електричниот СУВ, „Ауди“ во 2019 година треба да претстави кросовер модел „е-трон Спортбек“, а по една година треба да стигне и електричен автомобил, кој со својата големина ќе биде споредлив со моделот „Ауди А1“.
– Немаме намера само да го електрифицираме А1, бидејќи концептот кој го исклучува конвенционалниот мотор и се она што оди со него дава можност да креираме интересен автомобил, изјави членот на Управата на „Ауди“ Дитмар Вогенритер, кој очекува голема побарувачка за електрични автомобили во периодот од 2020 до 2023 година и најавува дека до средина на следната деценија секој трет автомобил на „Ауди“ ќе биде хибриден или со целосно електрична верзија.
Покрај „струјата” во „Ауди“ и натаму сметаат на погон кој обезбедува компресивен природен гас, а наведеното решение со кое драстично се намалува емисијата на јаглерод диоксид на купувачите веќе им се нуди со моделите „А3 Спортбек г-трон“и „А4 Авант г-трон“.