Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски побара од своите избраници да одиграат агресивно и сконцентрирано против Гибралтар во последното коло во групата од Лига на нации.
– Не е важно со кого играме, туку за што играме, а тоа е потврда на првото место и полуфинале во плеј-офот. Капитенот Пандев сигурно ќе ни недостасува, но тимот треба да одигра за него. Фаворити сме и иако можеби на некои мечеви не играме според посакуваното, но во второто полувреме влегуваме подобро и победуваме. Би сакал Гибралтар да го „отвориме“ уште на почеток. Нема потреба од никаква нервоза, за да одиграме квалитетно мора да бидеме агресивни уште од почеток. Воопшто не размислувам на плеј-офот и неговиот противник, само на претстојниот натпревар, изјави Ангеловски.
Натпреварот Македонија – Гибралтар се игра утревечер на Арена „Филип Втори“ во Скопје.
Во составот на Ангеловски ќе го нема капитенот Горан Пандев поради жолти картони.
На Македонија и е доволен и нерешен резултат за да заврши на првата позиција во четвртата група од Д-лигата на новото натпреварување на УЕФА.