Фернандо Алонсо изјави дека одлуката на Мекларен да не влегува како тим во американската автомобилска серија Индикар, не ги менува неговите планови за следната сезона.
Шпанецот откри дека тој никогаш не размислувал за цела тркачка сезона во шампионатот на Индикар, иако шпекулациите за тоа почнаа веднаш откако во текот на летото објави дека во 2019 нема да се натпреварува во Формула 1.
Мекларен имаше план да влезе во Индикар во 2019 година, но вчера, Зак Браун соопшти дека тимот не се подготвен да го сторат тоа во оваа фаза.
– Комплетна сезона во Индикар никогаш не била опција за мене. Можеби ќе се натпреварувам во Индикар еден ден, но не следната година. Тоа се 17 трки, од кои сите се во Америка. Треба да учам нешто од нула, а тоа значи целосно да се посветам на работата. Моите планови не го вклучуваат тоа за следната сезона, а фактот дека Мекларен ќе ги успори плановите за влез таму, е нивен проблем, изјави Алонсо.
Тој вели дека никогаш не станувало збор да настапува за Мекларен во Индикар.
– Јас знаев неколку месеци дека речиси е невозможно тимот да ја прошири својата програма во Индикар до година. Го тестирав автомобилот на „Андрети Аутоспорт“ во септември, но тоа не значи ништо. Индикар никогаш не беше во моите планови за 2019 година, додава Шпанецот.
Досега плановите на Алонсо за следната година вклучуваат да ја заврши сезоната со Тојота во светските серии по издржливост, која завршува во јуни. Пилотот на Мекларен изјави дека програмата за 2019 е речиси готова и потребно е само да бидат финализирани некои детали.