Германскиот прволигаш Алба Берлин синоќа претрпе пораз во рамки на Евролигата од мадридски Реал. На средбата одиграна во Берлин, а во рамките од 3.коло на „Топ 16“ фазата Алба загуби со 61:79.
За Алба тоа беше втор пораз, додека Реал ја забележа третата победа во групата Е во која синоќа се одигра и натпреварот во Тел Авив во кој актуелниот европски шампион Макаби со 70:68 ја порази Барселона која го претрпе вториот пораз во таа фаза.
Македонскиот репрезентативец Војдан Стојановски, кој игра за Алба, беше на паркетот 12:32 минути. Постигна четири поени (0/2 од игра, 1/3 за три поени, 1/2 од слободните фрлања), 2 скока и 1 асистенција.
Во оваа група вечерва ќе играат, Панатинаикос – Жалгирис и Црвена звезда – Галатасарај.
Во групата Ф, синоќа се одигра само еден натпревар. Во Истанбул, Анадолу Ефес беше поразен од московска ЦСКА со 69:78.
Во таа група вечерва ќе играат: Фенербахче – Олимпијакос, Лаборал – Нижи Новгород и Уникаха – Армани Милано.