Боксерскиот турнир „Златен гонг“ ќе се одржи во Радовиш и во Скопје, в петок и в сабота. Радовиш, кој прв пат е организатор на ваков боксерски турнир, ќе биде домаќин на полуфиналните мечеви в петок (16 ч.).
Во Скопје, во малата сала на СРЦ „Борис Трајковски“, ќе се организира финалето (сабота, 12 ч). На турнирот ќе има 46 боксери од Албанија, Бугарија, Словенија, Унгарија, Kосово, Црна Гора, Србија и од Македонија.
– Потребно е оваа манифестација да се децентрализира, со што ќе се поттикне развојот на боксот, кој стагнира, и во помалите градови – изјави Лазар Поповски, директор на Агенцијата за млади и спорт.
На турнирот ќе се доделуваат главниот трофеј и шест пехари, но нема да има парични награди како порано, поради кризата што го опфати спортот, информира претседателот на Боксерската федерација на Македонија, Војо Настевски.
Македонија ќе настапи во состав Афет Хајредини (56 кг), Мендо Џеладин (60), Сашо Лескароски (64), Мартин Алексов (64), Бојан Ристески (69), Фатлум Жута (75), Илчо Јоноски (81), Синан Џеладин (81).