БиХ доби 96,8 милиони евра грант за три проекти, соопшти денеска претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ по самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан кој се одржа во Познањ, во рамките на Берлинскиот процес.
Тој додаде дека тоа е резултат на значителен број добро и квалитетно подготвени проекти, како што БиХ правела и за претходните самити во рамките на овој процес.
– Овие три проекти имаат вкупна инвестициска вредност од околу 450 милиони евра, што е највисока сума која една земја од Западен Балкан ја добила на овој самит, објасни Звиздиќ и нагласи дека се работи за три делници на коридорот на автопатот 5-ц.
– Добивме значајни грантови и сега е до нас да се интензивира работата на овие три делници, но и на останатите 11 подготвени делници на Коридорот 5-ц за кои веќе се обезбедени финансиски средства, истакна Звиздиќ.
Тој оцени дека овој самит бил значаен затоа што за земјите од Западен Балкан, Берлинскиот процес се уште е најефикасниот модел за подобрување на инфраструктурата и регионалната соработка со цел Западен Балкан да стане дел од единствениот економски простор.