Радио Слободна Европа – Прага
Дали југословенството како идеја е мртво и каква всушност била Југославија? Зошто и денес 25 години од нејзиниот распад во земјите настанати на нејзино тло за тој феномен малку се зборува и понекогаш за тоа дури е и опасно да се зборува?
Некои критичари за состојбата на општествата во земјите настанати по распадот на поранешната држава одговараат дека за Југославија се молчи токму затоа што таа е огледало на подобро време во однос на она што се живее денес и порачуваат дека тукашните народи повторно ги чека Југославија – во Европската унија.
Тоа се теми за кои во најновата, контроверзна книга „Југославија после се‟ пишува сплитскиот историчар со мостарски корени Драган Марковина, која овие денови е промовирана во Мостар.
Критичарите на актуелните моноетнички општества и држави настанати со распадот на поранешна Југославија, истакнуваат дека 25 години по нејзиното исчезнување за темата се уште главно се молчи, па дури и е општествено непосакувано однесување воопшто да се зборува за Југославија.
Така сараевскиот филозоф Есад Батал укажува на тоа дека меѓу националистичките, политичките и верските елити е присутно премолчување и фалсификување на Југославија, бидејќи Југославија, истакнува тој е непријатно потсетување на многу подобрите времиња.
„Конкретно: огромната невработеност, криминалот, лошите плати, сиромаштијата, бедата, измамите, немање на правни држави, само во огледалото на Југославија, со логика на компарацијата, попримаат драматична димензија на егзистенцијалната бесмисла на денешните етно-државички‟. Бајтал уште истакнува дека на сцената во земјите на поранешна Југославија претежно се присутни лицемерието и моралната беда во времето во кое живееме.
„Доволно е да се биде медицински нормален и човечки морален, да се каже дека Југославија, покрај сите маани, недостатоци и можни забелешки кои ги има многу, беше нешто многу подобро‟.
Аналитичарите потенцираат дека во последните 25 години по распадот на Југославија идејата за таа земја за југословенството, дури понекогаш била и забранета.
Босанскиот фрањевац Драго Бојиќ вели: „Денес да се зборува за југословенството во нашите дворови, значи да се зборува за луѓето кои во изминатите 25 години, на различни начини, внатре во своите сопствени држави или колективи, се маргинализирани и понекогаш и општествено усмртени‟.
А ако и се зборува за Југославија, се зборува на начин дека светот почнал од 1990 година или дека траел до 1945 година, смета сплитскиот историчар со мостарски корени Драган Марковина, чија книга „Југословенството после се‟ е промовирана во Мостар.
„Се што дојде во 1992 година до денес, зборуваше за тоа дека живеевме во некое вештачко, грозно општество и дека сега излегуваме на светло на денот и градиме нешто ново. Со други зборови, сето тоа зборуваше дека се што сме живееле било лага и дека сега влегуваме во некое време на вистината. Секако, на секој од нас и не само на нас, ни е јасно на што личат овие општества и дека таа теза е неодржлива‟.
Сепак, со оглед на состојбата во која главно се наоѓаат постјугословенските општества, набљудувачите на политичките и општествените настани во тие земји велат дека сите држави на поранешна Југославија повторно ги очекува една голема интернационална Југославија – Европската унија. Есад Бајтал потенцира дека напорите и сонот за заборавот на Југославија се спротивставува на логиката на Европската унија. „Во која едно-властодршците гласно и јавно се заколнуваат, а практично ја избегнуваат. Зошто? Па затоа што ЕУ и во ЕУ ги чека токму она што тука го срушија. Ги чека правна држава, ги чекаат граѓани, човекови права и логика на обврски и одговорности кои тука ги нема‟.
А каде е идејата за југословенството денес? Драган Стојковиќ, од белградската издавачка куќа „МостАрт‟ истакна дека југословенството е идеја која постои стотици години.
„И која по 20 или 30 години од трагичната епизода не може да се избрише од животот, кој е всушност единствен, најдобар рецепт за надминување на сите ќорсокаци во кои се наоѓаме‟. Поради се, сметаат аналитичарите, идејата за југословенството и понатаму ќе живее.
Др. Драго Бојиќ објаснува:
„Но, во секој случај, една идеја која не и нема да испари и да престане поради тоа што веќе два пати доживеа политички слом. Значи и понатаму е факт дека ние тука, на овие простори, покрај сите наши огради и разграничувања, и покрај желбата по секоја цена да се делиме едни од други, да ги форсираме разликите, ние едноставно мораме да го констатираме фактот дека сме поврзани едни со други‟.
Историчарот и автор Драган Марковина за идејата на југословенството додава:
„Таа сега се враќа на тоа што всушност и е, а тоа е идеја за културен, единствен простор на ова подрачје, за простор на ист јазик и за простор на луѓе кои совршено меѓусебно се разбираат и најнормално комуницираат и заедно нешто создаваат‟.