Во изминатите 24-часа во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на Ковид-19, вкупно 2.353, а дополнително се зголеми и бројот на пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници.
Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, приклучени на апарати се 422 лица, 16 повеќе од вчера, а регистрирани се уште 23 смртни случаи.
Од денешните 2.353 новозаразени, половина, односно 1.159 случаи се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Минатата седмица, по подолг период беа регистрирани над 2.000 нови случаи, а денешната бројка на новозаразени е иста со податоците од средината на ноември, две седмици по почетокот на карантинот.
Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, со исклучок на мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерки, додека пак областа Атика, поширокиот регион на Атина, веќе 19 дена е во строг карантин.
Токму во овој дел од Грција, здравствениот систем е под голем притисок, исполнети се над 90 отсто од капацитетите во болниците, а министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас во интервјуто за радиото, „РеалФМ“ изрази загриженост за ситуацијата во областа Атика.
За оцена на ситуација во Грција, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска одржа вонреден состанок, а утре наутро Комисијата на епидемиолози ќе се состане за да ја процени епидемиолошката слика во земјата и не е исклучена можноста да бидат воведени дополнителни мерки.