Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, доцна синоќа во телефонско јавување на ТВ Пинк изјави дека се надева на деескалација на ситуацијата на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
-Сега го завршивме состанокот во Генералштабот, пред тоа генералот Милан Мојсиловиќ (началник на ГШ на Војската на Србија) разговараше со командантот на КФОР. Важно е што разговорот се одвиваше во коректна атмосфера, на професионален начин и се прифатија обврските на двете страни, пред се во размената на информации, бидејќи имаше многу невистини и дезинформации. На полноќ очекуваме разговор со командантот на КФОР, Горан Ракиќ и претставници на Србите. Побаравме од меѓународните институции да влијаат на албанската страна да ги одложи одлуките пред да се сретнеме повторно во Брисел и се да се реши на мирен начин. Се надевам дека ситуацијата ќе деескалира вечерва или утре, рече српскиот претседател.
Тој изрази голема благодарност до Србите од Косово за воздржаноста, како и на оние кои ја поддржаа Србија, додавајќи дека се работи на смирување на состојбата.
– Колку и да беше тешко, нема да има предавање, Србија ќе победи – нагласи Вучиќ и изјави дека акцијата на Приштина на Косово е одамна планирана, но и дека Белград прави се за да ја смири ситуацијата.
Тој посочи дека според се она што е направено и кажано се покажало колку долго се подготвувала акцијата на напад врз Србија.
-Од регионалните до другите безбедносни служби до медиумите на оние земји кои однапред ја обвинија Србија дека е јасно да по налог на Русија ќе изврши инвазија на таканаречената суверена земја, иако според меѓународните акти тоа е наше земја, рече Вучиќ.
Тој додаде дека имало луди објаснувања дека Србија нема права, а другите имаат, и кажа дека тоа е подготвена матрица и да се види како ќе изгледа кога ќе дојде до посериозни инциденти.
Извор: МИА