Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека државата има доволно основни земјоделски и прехранбени производи за потребите на населението, а извозот прво ќе биде за земјите од Отворен Балкан, јави допсиникот на МИА од Белград.
-Ќе разговараме со сите. Ќе дадеме онолку колку што е договорено и колку што сметаме дека можеме да дадеме, без да ги загрозиме потребите на домашното население. Прво земјите во рамките на иницијативата Отворен Балкан, а потоа Босна и Херцеговина и Црна Гора, како први соседи, изјави Вучиќ на новинарите.
Тој кажа дека ситуацијата околу трговијата со храна во светот станува се покомплицирана, нагласувајќи дека веќе е очигледно дека ќе има голем недостиг на храна, без разлика на растот на цените на берзите.
-Тоа не се компликации за нашата земја и за нашите потреби. Нашите граѓани ќе имаат доволно. Имаме значително повеќе од нашите потреби и мора тоа во регионот да го распределиме, изјави Вучиќ.
Претседателот на Србија додаде дека од Србија се бараат големи количества брашно и масло, и дека ги разбера сите кои сакаат домаќински да се однесуваат кон своето население и да обезбедат доволно залихи на храна.
Извор: МИА