Четири лица загинаа, а 53 се повредени во сообраќајката што се случи утринава нешто пред 7 часот на патот Атина – Евзонаи, во општина Пајонија Кукуш, кога автомобил со грчка регистрација удри во автобус од Србија. Сомнежите се дека возачот на автомобилот заспал, поради што дошло до судирот.
Како што пренесуваат грчките медиуми, возачот на автобусот од Србија рекол дека возачот на автомобилот заспал додека возел, а автобусот завршил на негова страна додека се обидувал да избегне директен судир.
Тројца Грци и еден Русин, на возраст меѓу 66 и 73 години, биле на риболов, јавуваат локалните медиуми.
По судирот автомобилот од Србија удрил во автомобилот кој удрил во автобусот.
Точната здравствена состојба на повредените патници не е позната, а како што претходно објавија грчките медиуми, 53 од нив се повредени. Повеќето од патниците се спасиле со полесни повреди.
Бојан Милосављевиќ, директор на туристичката агенција Ski&Sun Travel, објави дека повеќето од нивните патници се здобиле со полесни повреди.
„Во автобусот имало 78 патници кои патувале за Ставрос. Во шест часот наутро по грчко време дошло до несреќата, според информациите со кои располагаме досега повеќето од патниците се полесно повредени, но точни бројки немаме. Тие се полесно повредени во болницата во Поликастро, а на посериозните им е укажана помош во Солун. Еден наш претставник веќе пристигна во солунската болница, додека косопственикот на агенцијата е на пат за Поликастро. Утринава веднаш испративме автобус и ангажиравме грчки превозник за да им биде достапен на патниците. Очекуваме нови информации, во контакт сме со Министерството за надворешни работи и конзулатот во Солун“, изјави Милосављевиќ.
Несреќата се случи на патот од граничниот премин Евзони кон Солун. Учествувале две патнички возила, едно од Србија и автобус со нишки регистарски таблички кој превезувал патници за Грција.