Државниот секретар во српското Министерство за надворешни работи Вељко Одаловиќ изјави дека денеска од либиските власти добиле уверување дека киднапираните српски службеници ќе се вратат во следните 48 часа, што, како што додаде значи дека киднаперите се лоцирани.
– Имаме уверување кое ни го дадоа и очигледно дека киднаперите се лоцирани и оти не ги минале пунктовите надвор од градот. Очигледно се во градот, така што се надеваме дека тоа што либиските власти го прават ќе донесе резултати, изјави Одаловиќ за РТС.
Тој истакна дека мерките за безбедност во Либија се кренати на највисоко ниво и оти се прават напори киднапирањето на двајцата службеници на Амбасадата на Србија во Либија што е можно побрзо да се реши.
– Локалните припадници на безбедносите сили прават големи напори проблемот што е можно побрзо да се реши. Мерките за безбедност се подигнати на највисоко ниво, така што очигледно е дека постои подготвеност на либиските власти да ја решат ситуацијата, рече Одаловиќ.
Тој изјави дека е во постојан контакт со амбасадор на Србија во Либија, Оливер Потежиц, кој исто така бил во колоната возила, од која се киднапирани двајцата службеници и додаде дека е очигледно дека киднапирањето било планирано.
Двајцата службеници Слаѓана Станковиќ и Јовица Степиќ се киднапирани вчера во градот Сабрат во Либија.