Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш доцна синоќа изрази загриженост по одлуката на Косово за формирање војска, повикувајќи ги „сите страни“ на воздржаност, додека 15 земји членки на Советот за безбедност на ОН одржаа неформален состанок на барање на Србија.
Медиумите, од дипломатски извори во ОН, по овој состанок посочија дека Русија, која ја поддржува Србија, побарала јавна седница на Советот за безбедност на почетокот на наредната недела.
Според руски дипломатски извори, седницата е закажана за понеделник, на 17 декември, за која Русија бара да биде од јавен тип, на што се спротивставуваат западните држави кои инсистираат на затворена седница на Советот за безбедност.
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека ќе присуствува на седницата на Советот за безбедност на ОН во Њујорк.
Одржување на седницата на Советот за безбедност на ОН беше побарана од Русија и Србија, откако Косовското собрание донесе одлука за формирање косовска војска.
– Резолуцијата 1244 од 1999 година е единствената правна рамка за меѓународно безбедносно присуство на Косово, а силите на НАТО (КФОР) се одговорни за безбедноста на таа област, изјави Антонио Гутереш, додавајќи дека секое ограничување на одговорноста на КФОР во вршење на безбедносната должност не би било во согласност со резолуцијата.
Џон Болтон, советник за национална безбедност на САД, кои се најголеми донатори на пари во ОН, се залага за крај на мировните операции, за кои повеќе нема причина да бидат на теренот, а меѓу нив се мисиите на Косово, Кипар и Западна Сахара.