Во Грција од денеска маските на отворено се задолжителни, за непочитување на мерката казна од 300 евра

Од:

Маската од денеска одново се воведува и за надворешните простори во Грција, па така, задолжителна е и на затворено и на отворено, а за прекршување на мерката предвидена е казна од 300 евра.

Од шест часот утрово, во Грција стапија во сила новите мерки што вчера го соопшти министерот за здравство Танос Плеврис, а освен задолжителната употреба на маска секаде, се воведува и задолжителна двојна маска (хируршка и платнена) или маска со висока заштита КН95 за супермаркетите и јавниот превоз.

Паралелно се откажуваат сите јавни божиќни и новогодишни манифестации, а постои силна препорака за тестирање, како на посетителите кои пристигнуваат во Грција, така и на граѓаните пред празничните собири.

-Посетителите што доаѓаат во Грција, освен задолжителниот ПЦР од 72 часа или рапид тест од 24 часа, бидејќи имаме индикации дека кај многумина болеста се појавува по направениот ПЦР или рапид, ќе бидат обврзани со силна препорака да го повторат тестирањето на вториот и на четвртиот ден по нивниот влез во земјата, за да можеме да следиме дали се заболени, рече вчера Плеврис, додека пак на новинарско прашање објасни дека за туристите, постои силна препорака за тестирање со фактот дека е „многу тешко, речиси невозможно да се контролира“.

Новите мерки ќе важат до 3 јануари во шест часот наутро, додека пак веројатно е дека по празниците ќе бидат воведени нови мерки.

Плеврис, рече дека мерките се во две фази, првата од денеска, а втората од 3 јануари 2022 години.

За вториот пакет мерки по Нова година, надлежната комисија на епидемиолози во понеделник, ќе одржи состанок за да ги разгледа новите податоци и да ги прецизира деталите.

Во втората фаза, од 3 јануари, мерките ќе се однесуваат на ноќниот живот, во однос на работното време на клубовите и баровите, на работа од дома, на спортските натпревари и евентуалното одржување без публика.

Министерот за здравство на Грција истакна дека во секој случај, новите мерки и првиот пакет и вториот по Нова година, нема да упатуваат на евентуален локдаун и целосен карантин, нема да се воведе задолжително праќање смс за излегување, а волјата на Владата е да не се затворат училиштата.

Како што е и досега пракса во Грција, мерките во внатрешноста на земјата, освен за Грците, важат и за туристите.

Би можело да ве интересира

Намален бројот на починати и заразени со Ковид-19 во Грција

Намален бројот на починати и заразени со Ковид-19 во Грција

Над 130.000 заразени и 241 починат од Ковид-19 за една седмица во Грција

Зголемен бројот на случаи на Ковид-19 во туристичките делови на Грција

Грција ги укинува речиси сите рестриктивни мерки за Ковид-19

Продолжено времетраењето на сертификатите во внатрешноста на Грција