Имаме вакцини, сè уште не е посакуваната количина, но стигнуваме до еден милион вакцинации, или 1.750.000 вакцинации ќе има до крајот на март, а сите наши сограѓани постари од 60 години ќе бидат вакцинирани во текот на мај, вели министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас.
Кикиљас изрази загриженост за ситуацијата со Ковид-19 особено во областа Атика, поширокиот регион на Атина, нешто што беше и една од темите на денешниот вонреден состанок за оцена на епидемиолошката ситуација во земјата, што го свика грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Како што информираат од кабинетот на Мицотакис, на состанокот станало збор за влијанието на мутациите врз ширењето на вирусот, за поефективни начини за спроведување на мерките, биле разгледани мерки за дополнително зајакнување на здравствениот систем, особено во регионот на Атика каде што постои зголемен притисок, додека пак утре наутро Комисијата на епидемиолози ќе се состане за да ја процени епидемиолошката слика во земјата.