Бугарските училишта денес ги отворија вратите за околу 717.000 ученици, а првото училишно ѕвонче го слушнаа и 59.000 првачиња, Министерството за образование и наука на Бугарија соопшти дека училиштата низ земјата биле отворени со засилени мерки против коронавирусот.
Според мерките донесени од бугарските власти, во новата училишна година учениците се обврзани да носат маски само во ходниците и во заедничките простории, но не и во училниците во кои се одвива наставата.
За наставниците кои одржуваат часови во различни одделенија, маските остануваат задолжителни во сите простории и за целото време додека се на работа.
Първи учебен ден в ОУ “Св. св. Кирил и Методий”- София
Posted by Новините на NOVA on Понеделник, 14 септември 2020
Министерството за здравство во земјата соопшти дека во итен случај, доколку дојде до зголемување на бројот на новозаразени, државата е подготвена да одговори во рок од 24 часа и да ја врати онлајн-наставата.
Претходно, група родители протестираа пред бугарското Министерство за образование и наука во Софија, со барање да се укине задолжителното носење маски каде било во училиштата, а беа и против новата мерка која предвидува ставање во изолација на ученици кои имаат симптоми на Ковид-19 во таканаречени соби за изолација.
Родителите сметаат дека тие мерки кои беа донесени од бугарските власти влијаат негативно врз здравјето на децата.
Еден од организаторите на протестот и претставник на здружението „Обединети родители“, Милко Бојанков изјави дека доколку не се слушнат нивните барања, тие ќе создадат родителски групи, кои ќе бидат околу училиштата и нема да дозволат децата да бидат ставени во изолација.
За денес во 18 часот, во Софија е најавен нов протест пред Министерството за образование и наука, со барање носењето маски да биде доброволно додека учениците се наоѓаат во училиште, пренесе националната телевизија Нова.