Адвокатот Пит Михалик е убиен во Кејптаун. Пред неколку години беше објавено дека тој е бранител на Добросав Гавриќ, поранешен полицаец, а осуден за убиството на Жељко Ражнатовиќ Аркан.
Локалните медиуми пренесуваат дека убиството на 50-годишниот правник би можело да е поврзано со судењето на криминалецот Нафиз Модаку. Михалик е убиен во заседа, додека се наоѓал во автомобилот откако ги оставил неговите деца во училиште.
Во јануари 2012 година тој зборувал за случајот на Гавриќ, откако поранешниот полицаец рече дека стравува за својот живот ако биде екстрадиран во Србија.
„Голем број следбеници на Аркан сега се на власт во Србија, вклучувајќи и некои министри. Тие имаат мотиви да го убијат Гавриќ“, рече тогаш Михалик.
Освен Гавриќ, за убиството на Аркан, Миленко Мандиќ и Драган Гариќ во хотелот „Интерконтинентал“ во 2000 година на по 30 години затвор се осудени и Драган Николиќ Гаги и Милан Ѓуричиќ Мики.
Најпрво се веруваше дека Гавриќ е во куќен притвор во Јужноафриканската Република, а всушност тој бил во затвор од 2011 година. Тој бил тешко повреден во март 2011 година кога двајца напаѓачи на мотоцикли го пресретнале автомобилот во кој бил тој заедно со еден од најголемите мафијаши во ЈАР Сирил Бик. Бик бил убиен со пет куршуми, а Гавриќ бил ранет и два месеца поминал во болница. Кај него биле најдени документи на име Саша Ковачевиќ, но властите утврдиле дека станува збор за бегалец по кој Интерпол има распишано потерница.
Пред да избега од Србија, Гавриќ пред судот негираше дека е виновен за убиството. Сопругата на Аркан, Светлана Цеца Ражнатовиќ, на едно од судењата му рече: „Седеше со наведната глава, со лицето кон излезот, убаво те видов преку рамото на Жељко. И ќе го повторам тоа сто пати. Апсолутно сум сигурна. Предавнику, знаеш ли кого предаде, знаеш ли кого уби? Ѓубре“, му рече пејачката.