Три лица загинаа, а по едно лице сè уште се трага по тешката поморска несреќа што денеска се случи во морскиот предел меѓу хрватските острови Брач и Шолта, во близина на Сплит.
Според информациите од хрватската полиција, несреќата се случила околу 11:38 часот, кога дошло до судир меѓу едрилица и катамаран, по што едрилицата потонала.
„Во поморската несреќа што се случи во акваториумот меѓу островите Шолта и Брач, смртно настрадаа три лица, а по едно лице сè уште се трага. На останатите четири лица од едрилицата им е укажана медицинска помош на местото на несреќата и немало потреба од нивна хоспитализација“, соопшти полицијата.
Во тек е голема акција за пребарување и спасување, во која учествуваат надлежните поморски и спасувачки служби.
Причините за несреќата засега не се познати, а истрагата е во тек. Надлежните институции најавија дека дополнителни информации ќе бидат соопштени откако ќе бидат утврдени околностите под кои дошло до судирот.
