Јавноста во регионот е потресена од исчезнувањето на младиот Матеј Периш во Белград. Тој последен пат е виден на 31 декември околу 2.30 часот кога станал од масата во клубот „Готик“ каде седел со другарите и се упатил кон тоалетот. Од тој момент никој не го видел Матеј. Ненад Периш, таткото на исчезнатиот млад човек, синоќа дошол во Белград и за медиумите изјави дека целото семејство е потресено, особено ќерките.
Овој случај е обвиен со мистерија бидејќи има малку информации од моментот кога пријателите почнале да го бараат па се досега.
По повод исчезнувањето на Матеј Периш, вчера се огласи и српското МВР, а речната полиција интензивно ја пребарува Сава.
„Припадниците на МВР интензивно трагаат по М.П.(27) чиешто исчезнување го пријавил негов пријател на 31.12.2021 година во 18.00 часот. Полициските службеници од моментот на пријавата ги преземаат сите мерки со цел да се пронајде исчезнатиот млад маж“, се наведува во официјалното соопштение.
Доцна синоќа на потрагата и се приклучи и Мрежата за опасност на Србија. Тие со батериски ламби ја пребаруваа областа кај Ушче.
Набргу по објавувањето на соопштението на МВР, таткото на младиот човек, Ненад Периш, итно пристигна во Белград поради исчезнувањето на неговиот син за да и помогне на српската полиција во потрагата.
„Стигнав пред еден час. Се сретнав со друштвото со кое Матеј бил во локалот. Ќе одам во полиција во најбрз можен рок, ако не денес, утре наутро. Тоа е се што можам да кажам. Ги молам граѓаните на Србија да пријават се што знаат, во име на моето семејство им благодарам на сите“, изјави вчера попладне видно вознемирен Ненад Перош, пренесуваат српските медиуми.
Тој ја отфрла можноста неговиот син да се удавил.
„Матеј тренираше ватерполо, беше исклучително силно момче, спортист, непушач… Мислам дека апсолутно неговата состојба и неговата кондиција, познавање на пливање и вештини, не доаѓа предвид да падне во река и тоа да биде околност што може да доведе до трагичен случај“, истакна Ненад Периш.
Според таткото, последен пат се слушнал со синот на 30 декември во попладневните часови. Тој претходно истакна дека ова не е прв пат неговиот син да доаѓа во Белград, како и дека нема пријатели или познаници во главниот град на Србија. Покрај Матеј, Ненад има и две ќерки кои според сведочењето на таткото се потресени.
Полицијата ја пребарува реката со два чамци. Според неофицијални информации, постои сомнеж дека Матеј паднал преку оградата откако го напуштил „Готик“. Исто така, неофицијални информации се дека е снимен од камери лево од „Готик“, во близина на пристаништето за бродови. Десно од „Готик“ има брод што организира речни обиколки, односно обиколка на градот, па морал да помине покрај неколку локали.