Жителите на населба во Подгорица се собраа синоќа на протест откако група турски државјани нападнаа и избодеа еден нивен сограѓанин претходната ноќ. Во исто време, црногорската полиција спроведе рации и приведе 45 турски државјани.
Полицијата досега идентификуваше и приведе двајца турски државјани кои се поврзани со синоќешното ранување на М.Ј. од Подгорица со употреба на ладно оружје.
Како што објавија медиумите во Подгорица, група турски државјани синоќа нападнаа група жители на Подгорица, а еден од младите мажи од Подгорица доби седум убодни рани со нож.
Во официјалното соопштение на црногорската полиција беше наведено дека синоќа, половина час по полноќ, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со тепачка во која учествувале неколку лица, а во која едно лице се здобило со физички повреди во градите и рацете.
„Имајќи ги предвид настаните со елементи на насилство во последните 24 часа, во кои учествуваа турски државјани кои привремено престојуваат на територијата на Подгорица, како и провоцирањето инциденти на неколку локации, службеници на Регионалниот центар за безбедност „Центар“, Секторот за гранична полиција и Регионалниот центар за гранична полиција „Центар“ спроведуваат координирани активности на територијата на Подгорица, во рамките на кои се приведени околу 45 лица – турски државјани“, се вели во соопштението.
Се додава дека црногорската полиција дополнително ќе ги процени причините за нивниот престој, оправданоста и легалноста на нивниот престој, како и елементите на насилство што се случиле за време на нивниот престој, по што ќе следат репресивни мерки и евентуално прекинување на престојот и протерување на странци од Црна Гора.
Црногорските медиуми претходно објавија дека во подгоричката населба Забјело, каде што беа извршени рациите, владеела состојба на опсада, додека од друга страна, револтирани од синоќешниот чин на насилство, се собрале бројни жители на таа населба и постојано скандирале навредливи зборови против Турците.
Голем број полицајци и инспектори беа на терен, а контролирани беа и неколку локации во тој дел од главниот град на Црна Гора.
Медиумите објавија и дека тројца турски државјани дури се забарикадирале во казино, откако, според очевидци, група мештани се обиделе физички да се пресметаат со нив. Откако ги извеле од казиното, полицијата привела двајца од нив, а се сомнева дека еден од нив бил вмешан во синоќешниот напад.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ синоќа објави дека Владата денес ќе донесе одлука за привремено укинување на безвизниот режим за граѓаните на Турција, по итна постапка.
„Со цел да се зачува економската активност и добрите билатерални односи, во наредниот период ќе иницираме интензивни разговори со Република Турција со цел да се пронајде, во духот на добрата соработка и сојузништвото, најдобриот модел во заеднички интерес“, напиша Спајиќ на социјалната мрежа X.
Црногорското Министерство за внатрешни работи претходно објави дека 13.308 граѓани на Турција имаат дозвола за привремен престој или привремен престој и работа во Црна Гора, додека 87 лица од таа земја добиле постојан престој.
Според пописот од 2023 година, Црна Гора има нешто повеќе од 623.500 жители.
