Пожарот што синоќа избувна на подрачјето на врвот Требевиќ во Босна и Херцеговина доби сериозни размери, а поради ширењето на огнот од загрозеното подрачје бил евакуиран еден работник.
Од Горската спасувачка служба (ГСС) Источен Стар Град рано утрово соопштија дека нивни припадници веднаш биле испратени на терен откако добиле пријава дека работници ангажирани на одржување на телевизискиот/комуникацискиот столб на врвот на Требевиќ се загрозени од пожарот.
„Еден работник успешно е евакуиран од загрозеното подрачје“, соопштија од ГСС Источен Стар Град.
Оттаму додаваат дека пожарот во меѓувреме добил многу сериозни размери, што се гледа и на снимките од теренот.
Граѓаните се повикуваат да не се упатуваат кон врвот на Требевиќ и кон подрачјето зафатено со пожарот, како и да не ја попречуваат работата на интервентните служби.
Од Територијалната противпожарна единица Источно Сараево синоќа соопштија дека нивните екипи се на терен веќе шести ден, при што повремено доаѓа до повторно разгорување на пламенот.
Пожарникарите објаснуваат дека огнот гори и во земјата, што дополнително го отежнува гаснењето и овозможува пожарот повторно да се активира. Дополнителен проблем претставува и исклучително непристапниот терен.
Босна и Херцеговина со недели е погодена од високи температури и суша, услови кои придонесуваат за појава и брзо ширење на пожарите. Надлежните апелираат до граѓаните да бидат крајно внимателни и да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат искри или отворен пламен.
