Српскиот актер Бранислав Лечиќ за прв пат на националната телевизија проговори за актерката Даниела Штајнфелд, која пред неколку месеци го обвини за силување.
Лечиќ рече дека е добро да се види дека Даниела Штајнфелд напредувала материјално во Америка, откако го обвинила за силување.
– Добро е да се види како материјално напредувала Даниела, велат дека по оваа ситуација станала најплатената актерка од Србија во Америка. Најтешко ми беше поради децата. За прв пат непозната личност во јавноста ги стави под знак прашалник целата работа и се што сте правеле и вие веќе сте осудени. Само дадов изјава во полиција, а веќе бев осуден. Беше страшно, се гледаш во огледало и се прашуваш што е ова? Јас сум чудовиште, јас сум силувач… Мразам агресивна глупост, лаги, подлост, но мразам и тоа што обвинуваш човек кој прави добро, цел живот, за зло. Цел живот ги презирам насилниците – рече на почетокот Лечиќ, во своето гостување на ТВ Пинк.
Обвинителството ја заврши својата работа, вели Лечиќ и додава дека има над 1500 страници извештаи. Според актерот, полицијата утврдила дека тој не ја силувал Даниела Штајнфелд. Таа го обвинила дека ја силувал на 7 мај 2012 година, кога тој бил на сосема друго место, во Београдско драмско позориште.
– Обвинителството работеше сериозно. Јас бев шокиран. Јасно пишува дека се земени сведочењата на Даниела Штајнфелд и доказите што ги собрала полицијата, а не оние кои јас ги дадов. Најважно е да се каже едно, тие после ова не кажаа дека нема доволно докази, туку утврдија дека тоа никогаш не се случило. Таа мене не ме обвини дека некогаш сум ја силувал, туку го наведе точниот датум, тоа е 7 мај 2012 година. Не ни знаев дека таа го дефинирала тој датум. Полицијата работеше и утврди дека не сум бил на местото каде што таа тврдеше, туку дека сум бил на претстава во БДП каде што играв со Бандиќ, Воја Брајовиќ, Слобода Миќаловиќ… И сега одеднаш во овие медиуми кои водеа кампања против мене, велат дека сите лажат – додаде Лечиќ.
Актерот вели и дека Штајнфелд бришела делови од нивниот разговор, како и дека го оставила само она што и одговарало. Тој исто така верува дека Штајнфелд сакала да го привлече вниманието кон себе, дека обвинила фотограф од странство за силување и дека има 160 порно сајтови на кои може да се најде нејзиното име.
Лечиќ вели дека одлучил да зборува јавно за се, пред се поради ќерката Ана Лечиќ, која исто така се занимава со актерство. Тој истакнува дека ги презира насилниците, како и дека му се јавиле бројни жени кои се жртви на силување.
– Проговорив за прв пат поради ќерка ми. Таа ја работи истата работа. Ќе се пријавев сам да ми се случеше ова. Ги презирам насилниците. Добив повици од жени кои навистина биле силувани и велат дека се изнервирани – истакна Лечиќ.