Поврзаноста на озлогласениот српски криминалец Вељко Беливук со раководството на фудбалскиот клуб Партизан, како и начините на кои тој го користел клубот за своите нелегални бизниси, и натаму се меѓу насоките на кои се фокусира истрагата, пишуваат српските медиуми.
Тие денеска објавија снимка од телефонски разговор меѓу мафијашкиот шеф и водач на навивачка фракција на „Гробарите“, и поранешниот потпретседател на ФК Партизан, Владимир Вулетиќ, кој поднесе оставка ден откако полицијата упадна и изврши претрес во клупските простории, а таму и беа уапсени неколкумина членови на криминалната група.
На снимката може да се слушне како Вулетиќ, кој инаку е и вонреден професор по Римско право на Правниот факултет во Белград, разговара пријателски со Беливук. Тие, договарајќи се да се сретнат по неколку дена, дури и си кажуваат еден на друг дека се сакаат.
Ова, според медиумите, докажува дека поранешниот функционер на Партизан не ја зборувал вистината кога, веднаш откако кланот беше разбиен, изјави дека со мафијашкиот шеф се слушнал само еднаш, а и тогаш разговарале исклучиво околу клубот.
Вулетиќ, како и неколкумина други функционери на Партизан, беше испрашан од полицијата, а тој официјално не е под истрага. Пред неколку дена изјави дека се залага за борба против организираниот криминал, но само ако таа е „универзална, а не да се води по ТВ судења“.
Беливук, кого српските власти го опишуваат како моќен и брутален, бескрупулозен лидер на мафијашки клан, заедно со своите соработници се соочува со обвиненија за убиства и страотни измачувања на конкурентите и противниците, како и за трговија со дрога, киднапирања и низа други тешки кривични дела.