Татјана Кристи живее во Сан Франциско, Калифорнија, а родена е во Варна Бугарија. Видеата кои таа ги објавува на Фејсбук достигнуваат и над 10 илјади гледања, имаат повеќе од 3 илјади коментари, а се реобјавувани илјадници пати од корисниците на социјалните мрежи.
Има и зошто – Кристи својот профил на Фејсбук буквално го има претворено во сатирична веб-страна за бугарската министерка за туризам, Маријана Николова, која го нема совладано добро англискиот јазик.
Кристи објавува видеа на кои зборува на лош англиски јазик, а многумина кои не се запознаени со бугарската политика и владините министри, навистина мислат дека станува збор за бугарската министерка Николова.
Кристи пред неколку дена мораше да објаснува пред јавноста дека таа не е министерка, туку дека едноставно сака да посочи дека високите функционери мораат да научат англиски јазик.
Во еден наврат, Кристи како своја профил-фотографија на Фејсбук ја постави фотографијата од министерката Николова, на која пишува „Останете дома, научете англиски, стоп за Ковид-19“.
На едно од нејзините најгледани видеа, таа реагира дека „луѓето ја озборувале бидејќи не зборува добро англиски“.
„Јас имам сертификати и зборувам добро англиски, вие не зборувате, затоа не ме разбирате“, вели Кристи на англиски јазик во кој вметнува и италијански и бугарски зборови.
Инаку, министерката за туризам на Бугарија Маријана Николова редовно е предмет на потсмев во бугарските медиуми и на социјалните мрежи, откако зборува на англиски јазик на меѓународни настани.