Дојче веле – Бон
На заканите на Германија и другите европски партнери поради тоа што масакрот над Ерменците го нарекоа геноцид, Турција си нанесува голема штета, вели во коментар за Дојче веле, Томас Сиберт.
Ретко кога Турција за толку кратко време реторички нападнала толку многу земји, т.е. различни меѓународни фактори. Прво папата, па Европскиот парламент, па Австрија. Па потоа, речиси во минутен такт се објавени серија соопштенија од Министерството за надворешни работи, во кои со заземањето на ставот во поглед на масакрот над Ерменците од пред 100 години, беа нападнати Германија, Франција, Русија и САД.
Турскиот народ тоа нема да го заборави ни да го прости
Во случајот со Германија, како што потенцира Анкара, турскиот народ нема да заборави, ниту тоа ќе му го прости. Истовремено турската влада го предупреди Бундестагот во Берлин да не ја донесува планираната резолуција, во која се зборува за геноцидот над Ерменците од 1915 до 1917 година.
Претседателите на САД, Русија и Франција, Барак Обама, Владимир Путин и Франсоа Оланд, на себе навлекоа гнев од Анкара, бидејќи исто така потсетија на масакрот над Ерменците. Притоа Обама од обзир кон Турција како НАТО партнер, ниту еднаш не го употреби спорниот збор.
Последиците под знак прашалник
Во рок од неколку часа Анкара толку вербално нападна три од петте постојани членки на Советот на безбедност на ОН и Германија, која е нејзин најважен трговски партнер. Нешто повеќе од месец дена пред парламентарните избори во Турција на 7 јули овој напад веројатно ќе наиде на одобрување на десно ориентираните гласачи. Можно е тоа и да е мотив за бројните лути соопштенија.
Но, на надворешнополитички план Турција мора да признае дека тие претерани изливи на гнев носат многу повеќе штета од корист. Како прво, во земјите кои ги нападнала Турција, речиси и да не постои ниту еден политичар кој сериозно ги зима соопштенијата од Анкара. Турција во минатото пречесто најавувала политички и стопански противмерки поради односот кон злосторот над Ерменците, а потоа со премолчување преоѓала на следна точка на дневен ред.
Надворешнополитичка изолација
Турските изливи на гнев го зголемуваат сомнежот во лојалноста на Турција како важен партнер на Западот. Тоа што турската влада не дозволува масакрот над Ерменците да се нарекува геноцид, со оглед на внатрешнополитичката состојба и на негирањето на овој злостор со децении, во некоја рака е разбирливо. Но дека Анкара на важен партнер, затоа што не го следи нејзиниот став, со спектакуларни гестови речиси го откажува пријателството, тоа некои политичари и службеници на Западот може да ги наведе длабоко да се замислат.
Веќе некое време Турција ужива претставувајќи се самата како регионална сила, чиј незапирлив развој го кочат големите странски сили, бидејќи Европа и САД ете се плашат од нов голем ривал. Тоа чудно поимање на светот е дел од аргументацијата, која се користи во спорот околу Ерменците и која претходните денови ја застапуваат провладини медиуми во Анкара, но и некои советници на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Можно е Ердоган и неговата Партија на правдата и прогресот на овој начин да сакаат да соберат поени во изборната кампања од националистички ориентираните гласачи. Но, на меѓународен план, ваквиот курс Турција ја води во изолација.