Силно невреме ја погоди Словенија, со урагански удари на ветер, обилни врнежи и грмежи, а во општината Комен беше регистрирано и торнадо.
Според Meteoinfo Slovenija, торнадото се формирало околу 15:15 часот и предизвикало материјална штета во повеќе населени места.
Најтешко беше погодено подрачјето на Приморска, каде што невремето оштети неколку објекти во општината Комен.
Во долината Брањица, населените места Кодрети, Коболи, Вечкоти и Чеховини извесен период беа отсечени поради паднати дрвја.
Силниот ветер однесе и покриви од две фарми, додека во Церкница беше оштетен покривот на станбена зграда.
Метеоролошките мерења покажаа дека ветерот во Славник достигна брзина од 106 километри на час, во Поднанос 92 километри на час, а во Билје кај Нова Горица 76 километри на час.
Невремето донесе и интензивни врнежи. На одделни места во период од само половина час паднаа меѓу 21 и 32 милиметри дожд.
Агенцијата за животна средина на Република Словенија издаде портокалово предупредување поради опасното невреме.
Покрај материјалната штета, голем проблем предизвикаа и прекините во снабдувањето со електрична енергија.
На подрачјето на Електро Целје без струја останаа околу 5.800 потрошувачи поради дефекти предизвикани од силниот ветер и оштетувањата на електродистрибутивната мрежа.
Дополнителни проблеми беа регистрирани и на подрачјето на Електро Љубљана, каде што 285 трафостаници останаа надвор од функција.
Без електрична енергија таму останаа нешто помалку од 9.300 потрошувачи, а најпогодени беа делови од централна и јужна Словенија.
Олујниот систем во текот на денот се движеше од подрачјето на Идрија, преку Полхограјските ридови и Караванките кон источниот дел на земјата.
Според прогнозите, невремето требаше постепено да се смири во текот на ноќта, иако на одделни места остануваше можноста за нови врнежи и грмежи.
Последното документирано торнадо во Словенија беше регистрирано на 1 август 2023 година во Косезе кај Илирска Бистрица.
