Специјалната известувачка на ОН Агнес Каламард и нејзиниот тим експерти денеска ја посетија околината на саудискиот Конзулат во Истанбул, во рамките на истрагата за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Тимот, како што јавија некои светски агенции, не влегувал во Конзулатот, затоа што чека одобрување од саудиските функционери со кои е во контакт.
Каламард, која е експерт за човекови права, изјави дека својот извештај ќе го претстави во јуни пред Советот за човекови права на ОН.
Таа вчера во Анкара се сретна со претставници на турската Влада, на првиот ден од нејзината еднонеделна посета на Турција во врска со меѓународната истрага за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Каламард се состана со министерот за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, а потоа и со министерот за правда Абдулхамит Ѓул.
Чавушоглу на Твитер објави фотографија од состанокот, кој беше затворен за печатот, но не објави детали.
Специјалната претставничка на ОН денеска треба да се сретне и со истанбулскиот главен обвинител Ирфан Фидан.
Известувачка на ОН за човекови права вчера пристигна во Турција, речиси четири месеци по убиството на Кашоги во конзулатот на Ријад во Истанбул.
Посетата доаѓа во време кога Саудиска Арабија вложува напори за нормализирање на односите со меѓународната заедница, која го доведе во прашање кредибилитетот на истрагата на Ријад за убиството на Кашоги.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, претходно изјави дека нема овластување да започне истрага за смртта на Кашоги, и оти ниту една земја не поднела официјално барање за покренување истрага.
Тимот на ОН ќе ги процени чекорите преземени од страна на турската и саудиската Влада за решавање на случајот, изјави Каламард за Интернет страницата на одделот на ОН за човекови права минатата недела.
Експертите на ОН, исто така, ќе ги проценат „природата и степенот на државите и одговорностите на поединците за убиството“.
Престојот на Каламард во Турција минатата недела го најави турскиот министер за надворешни работи Мављут Чавушоглу, кој истакна дека „е време“ за покренување меѓународна истрага за убиството на саудискиот новинар.
Чавушоглу најави дека за време на посетата на специјалната известувачка на ОН на Анкара ќе го покрене прашањето за започнување истрага за смртта на Кашоги.
Кашоги беше новинар на весникот „Вашингтон Пост“, познат по своите критички текстови за властите во Ријад и пред се за саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман.
Обвинителството во Ријад за убиството на Кашоги осомничи 11 лица, од кои за петмина бара смртна казна. Но, критичарите на властите во Ријад сметаат дека овие обвинувања се само обид за дистанцирање на принцот Мохамед од убиството.