Потпретседателката на косовската Влада Едита Тахири изјави дека автономијата за Србите на Косово, налик на таа во Република Српска е илузија, како и дека Белград не ги прифаќа „новите реалности“.
Таа за виенскиот „Стандард“ истакна дека приштинскиот тим таквиот вид на автономија категорично го отфрлил и додаде дека Србија треба да го прифати независно Косово и да претстане да се меша во внатрешните работи на други држави.
Според Тахири Белград најпрво потврдил дека „ќе ги расформира илегалните структури на северот, но кога требало да се дојде до конечната одлука, повеќе не е подготвен на тоа“.
Тахири смета дека последната рунда преговори покажала дека Србија е далеку од промената на начинот на размислување и оти не е подготвена да се откаже од мешањето.
Во врска со пишувањето на виенскиот весник дека белградскиот тим во претходната рунда преговори побарал судовите во северно Косово да бидат пополнети со српски судии, Тахири рече дека косовскиот Устав предвидува судиите да бидат поставени врз основа на етнички квоти и оти не може да има „политичко именување на правосудниот персонал“.
Заедницата на српските општини, според Тахири, може да дејствува само советодавно, координирајќи, но не со извршни овластувања, бидејќи трето ниво на власт освен централното и локалното не е возможно.
За разлика од медиумите Тахири тврди дека присуството на косовската војска во северот воопшто не било на дневен ред во Брисел.