Идејата за Голема Албанија е смислена во Србија и нема никаква врска со Албанците, изјави денеска шефот на косовската дипломатија Хашим Тачи, еден ден откако Белград и Брисел ја осудија изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за тоа дека Косово и Албанија порано или подоцна ќе се обединат.
Агенцијата Фена потсетува дека Рама во вторникот за косовската телевизиска станица „Клан Косова“ изјави дека обединувањето на Албанија и Косово е „неизбежно“ или преку членство во Европската унија или надвор од неа.
– Идејата за Голема Албанија не ја смислија Албанците туку непријателите на Албанците, рече Тачи во изјава за Хина.
– Белград погрешно го интерпретира Рама… Приклучувањето кон ЕУ е волја и желба на граѓаните и политичкото раководство на Косово и на Албанија, на сите Албанци, додаде потпретседателот на косовската Влада, кој вчера во Загреб во текот на службената посета се сретна со хрватскиот државен врв.
Србија и Западот се многу чувствителни кога се зборува за обединувањето на Албанија и Косово, можноста која западните сили ја исклучија уште во 2008 година, кога го поддржаа отцепувањето од Србија.
Изјавата на Рама во Белград беше осудена како „залагање за војна“ и „поттикнување кон нестабилност во регионот“, а ЕУ предупреди дека провокативните изјави се неприфатливи и земјите од југоисточна Европа ги потсети на обврската за регионална соработка и помирување.