Студентите во блокада од Белград упатија отворено писмо до раководството на Радио-телевизија Србија (РТС), Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и Народното собрание, барајќи одговорност од институциите и ослободување на јавниот сервис од политичките влијанија.
Во однос на РТС, студентите бараат неодложни оставки од генералниот директор, неговиот заменик и уредништвото на информативната програма. Предлагаат и формирање привремена управа, договорена меѓу Студентската листа и репрезентативните синдикати на РТС, со именување во согласност со законот.
Од РЕМ бараат независно постапување, транспарентност на одлуките и објаснување за постапувањето во случајот со телевизијата Информер. Институцијата, според барањето, треба да достави јавен и образложен одговор во рок од седум дена од приемот на писмото.
Во однос на Народното собрание, студентите најавија дека ќе се залагаат за пополнување на испразнетите места во Советот на РЕМ преку законска и транспарентна постапка, заснована врз стручноста и независноста на кандидатите.
„Граѓаните имаат право на вистинито, целосно и непристрасно информирање. Бараме одговорност од институциите и ослободување на јавниот сервис од политичките влијанија“, наведуваат студентите во отвореното писмо.
„Јавниот сервис мора да им служи на граѓаните“, порачуваат тие.
Оставки веќе има во ТВ Војовдина, вчера се повлече директорот, а денеска оставки поднесоа и најголем дел од уредниците.
