Средношколците во Грција на 11 и 18 мај се враќаат во училишните клупи

Од:

На 11 и 18 мај, под специјални правила и услови, поделени во групи, грчките средношколци ќе се вратат во училишните клупи, основните училишта и градинките за сега остануваат затворени, со можност, доколку епидемијата оди во надолна линија, да се отворат на 1 јуни, додека пак државната матура ќе се полага на 15 и 16 јуни, согласно одлуките и планот за образовните институции во Грција, соопштени од министерката за образование и религија Ники Керамеос, јави дописничката на МИА од Атина.

Средните училишта на 11 мај ќе се отворат за матурантите, а една седмица подоцна и за останатите ученици, училишната година ќе биде продолжена до 12 јуни, а новата школска година, на есен, ќе започне порано, веројатно на 1 септември (наместо на 11 септември).

Класовите на средношколците ќе бидат поделени во две групи од најмногу 15 ученици. Едната група ќе следи настава понеделник, среда и петок, другата вторник и четврток, а ќе се менуваат на една седмица. Во деновите кога нема да имаат настава на училиште, предвидена е програма за учење дома.

Меѓу учениците задолжително е да има растојание од еден и пол метар додека пак употребата на заштитна маска е по свој избор како за време на наставата, така и во школските автобуси.

Во училиштата ќе има антисептици, училишните простории редовно ќе се проветруваат и ќе се чистат два пат на ден.

-За основните училишта и градинките за деца од четири до шест години, се продолжува прекинот на работата. Се разгледува можноста за отворање на 1 јуни. Повторувам, веројатноста. Само ако сме апсолутно сигурни дека текот на епидемијата оди по надолна линија, рече Керамеос и објасни дека во случај да се отворат, тогаш школската година ќе се продолжи до 30 јуни.

За Центрите за дополнителна настава ќе важи истото што и за средните училишта, но со силна препорака да продолжат со онлајн часови, а во овој момент не е предвидено отворање на библиотеките.

Академската година и семестарот на Универзитетите во Грција ќе заврши со предавања на далечина, за испитите ќе има дополнителна одлука, а од 25 мај ќе има можност да се отворат лабораториите за пракса на студентите.

Министерката за образование и религија на Грција рече дека конкретниот план се заснова на едногласна одлука на Националната комисија за заштита на јавно здравје, а секој чекор ќе се оценува, а доколку е потребно и ќе се преиспитува.

Во однос на верските објекти, Керамеос објасни дека од 4 мај ќе бидат отворени за индивидуални молитви, а од 17 мај за литургии со присуство на верници.

Би можело да ве интересира

Собираат пари од родителите, а не кажуваат како ги избрале фирмите за ужина, униформи, фотографирање на учениците

За една година затворени 14 училишта во Македонија: Намален е бројот и на паралелки и ученици

Александар Тодески

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески

Дводневен штрајк на царинските служби во Грција

Орце Костов

По силниот земјотрес во Грција, тлото продолжува да се тресе

Два силни земјотреси ја погодија Грција

Горан Наумовски