Средба на европратеник од СИРИЗА со Митрополит со радикални ставови предизвика реакции во Грција

Од:

Реакции во Грција, но и во самата СИРИЗА веќе неколку денови предизвикува одлуката на поранешниот министер и кандидат за европратеник на СИРИЗА, Панајотис Курублис да се сретне, да се слика и да ја објави на Твитер фотографијата со Митрополитот Авровосиос кој е осуден за говор на омраза, кој во минатото често говореше против грчкиот премиер, против Договорот од Преспа, а позитивно за Златна зора.

Кандидатот за европратеник на СИРИЗА, Панајотис Курублис во рамките на неговата предизборна турнеа во вторникот се сретна со Митрополитот Амавросиос, а на неговиот Твитер профил ја објави фотографијата од средбата, која подоцна, веројатно поради реакциите, ја избриша.

Според грчкиот весник „Авги“, кој важи за гласник на владејачката партија, генералниот секретар на СИРИЗА, Панос Скурлетис, му се јавил на Курублис за да го изрази неговото незадоволство и за средбата и за фотографијата.

Преку официјалните и личните профили на социјалните мрежи, но и преку изјави за грчките медиуми, голем број пратеници и членови на СИРИЗА ја осудија постапката на кандидатот за европратеник од нивната партија, по што самиот Курублис, излезе со објаснување. Вели дека со жалење констатира дека некои се обиделе да поврзат една протоколарна посета и средба.

-Во моите јавни претставувања до денес, се борев против секаков вид расизам и омраза. Сепак, во демократијата не постојат исклучоци. Затоа прифатив да се сретнам со Митрополитот, иако не се согласувам со него за нетолерантните ставови што од време навреме ги има изразено, напиша Курублис во четвртокот на неговиот официјален Фејсбук профил.

И покрај објаснувањето од поранешниот министер, а сега кандидат за европратеник, реакциите во Грција не стивнуваат.

-Оваа средба е неприфатлива, средбата е навреда за демократскиот свет. Не знам зошто и како тоа му се испушти на господинот Корублис. Оваа средба нѐ навредува сите нас, го навредува и господинот Курублис, рече пораншениот министер во владата на СИРИЗА, Јанис Музалас, а сега заедно со Курублис, кандидат за европратеник, говорејќи утрово за радиото „Тема“.

Портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за радиото „Сто Кокино“, меѓу другото беше прашан и за конкретниот случај и рече дека таквите постапки не се карактеристика на политиката на СИРИЗА, ниту на самиот Курублис.

-Господинот Амвросиос е архиереј кој во минатото има излезено со неприфатливи изјави и потези. Но, мислам, дека господинот Курублис, даде свое објаснувања. Сепак, мислам дека, конкретната постапка не ја карактеризира ниту политиката на СИРИЗА, ниту конкретниот потег на господинот Курублис .

Господинот Амвросиос има неприфатливи ставови, има ставови осудени од огромното мнозинство од грчкото општество и мислам дека ова нема со ништо да се смени, рече Ѕанакопулос.

Панајотис Курублис во изминатите четири години беше министер за здравство, за поморство, но и за внатрешна политика, додека пак на европските избори следниот месец е еден од кандидатите на СИРИЗА за пратеник во Европскиот Парламент.

Митрополитот Амвросиос од грчкиот град Калаврита, како што објави МИА на крајот на јануари е осуден за јавно поттикнување насилство или омраза и за злоупотреба на црковната служба на условна затворска казна од седум месеци, која нема да се отслужи доколку во рок од три години не стори ново кривично дело.

Грчкиот митрополит во декември 2015 објави текст во кој ги нападна хомосексуалците и побара од граѓаните да ги плукаат, а еден месец подоцна активисти за правата на ЛГБТ заедницата поднесоа тужба против Амвросиос за поттикнување насилство или омраза врз основа на законот за борба со расизам и за злоупотреба на црковната служба. Во мај беше ослободен, но по што следеше жалба и вчера беше прогласен за виновен.

Митрополитот Амвросиос освен што јавно го искажува неговото несогласување со правата на ЛГБТ заедницата, важи за поддржувач на Златна зора, во минатото има изјавено дека мигрантите „ја загадуваат земјата“, категорично е против изградба на џамија во Атина, а по катастрофалните пожари лани во областа Атика, рече дека главен виновник е грчкиот премиер Ципрас бидејќи е атеист.

Би можело да ве интересира

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски

Се тресе Грција: девет земјотреси за еден час, најсилниот со јачина од 5.3 степени

Катерина Ѓуровски

Конфликтот меѓу две семејства во Грција загина тригодишно дете

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната